СДСМ со Предлог-резолуција во која се дефинираат државните и националните позиции за продолжување на евроинтегративниот процес
СДСМ денеска излезе со Предлог-резолуција во која се дефинираат државните и националните позиции за продолжување на евроинтегративниот процес, со јасно утврдени рокови за усвојување на уставните измени. Лидерот на партијата, Венко Филипче, истакна дека целта е да се искористи моментот на проширување на ЕУ до 2030 година и да се спречи натамошно заостанување на земјата зад останатите кандидати.
Документот предвидува Владата најдоцна до 1 декември 2025 година да достави нов текст на уставни амандмани до Собранието. Според временската рамка, првото гласање би се одржало до 15 декември, а финалното усвојување до 10 февруари 2026 година.
По завршувањето на процесот, Владата ќе треба веднаш да ја извести Европската комисија и земјите-членки дека обврските се исполнети и да побара одржување Меѓувладина конференција за отворање на првиот кластер „Темелни вредности“ најдоцна до 15 февруари 2026 година.
Во резолуцијата се реафирмираат и т.н. „црвени линии“ – македонскиот јазик, идентитетот, историјата и културното наследство, како теми за кои не може да има преговори. Се инсистира македонскиот јазик да стане официјален јазик на Унијата без додавки и фусноти.
„Република Северна Македонија е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка, со јасна определба дека уставните измени се последната пречка и дека нема да се прифатат нови билатерални или идентитетски барања“, стои во документот.
Резолуцијата предвидува и механизам во случај на блокади поврзани со идентитетски прашања – претседателот, премиерот и претседателот на Собранието со заедничко писмо би ја информирале ЕУ дека тие прашања се затворени.
СДСМ потсетува на претходни декларации и резолуции усвоени со консензус, меѓу кои и документот предложен од ВМРО-ДПМНЕ во 2021 година, нагласувајќи дека сега е потребен проактивен пристап наместо чекање.
Предлог-резолуцијата ќе биде доставена во Собранието. Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред десетина дена изјави дека со нетрпение ја очекуваат за да можат да го достават својот став.
 
			