Откажа 25-годишниот радар за надзор на македонското небо

9

Основниот радар за контрола на воздушниот простор над Македонија, стар 25 години, престана да функционира, потврдија од М-НАВ.

„Се работи на отстранување на дефектот на еден од радарите на Меѓународниот аеродром Скопје. Проблемот нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на авио-сообраќајот,“ соопштија од институцијата.

Според објаснувањето, стапено е во директен контакт со производителот, кој преку онлајн дијагностика треба да помогне во решавање на дефектот.

Во моментов во функција не е ниту еден од двата радара на скопскиот аеродром – оној на Контролната кула и вториот во нејзина близина. Затоа се користат системите на Бугарија и Грција, кои обезбедуваат покривање и на македонското небо.

„Вакви електронски дефекти се нормална појава во авијацијата, за што постојат пропишани безбедносни процедури. Тие се применуваат и сега, па нема безбедносен ризик,“ изјави Владимир Ристески од М-НАВ.

Сепак, единствена промена е што бројот на авиони кои можат да слетаат или полетаат во рок од еден час е ограничен, бидејќи леталата мора да одржуваат поголемо растојание. Тоа може да предизвика доцнења и намален капацитет на аеродромот.

Контролорите на летање веќе предупредија дека ќе стапат во штрајк доколку не се инвестира во нова опрема, укажувајќи дека не само радарите, туку и софтверот и останатата техника се застарени.

Последен поголем дефект на радарската опрема беше забележан пред шест години, кога радарот на Бањски рид откажа, оставајќи ги контролорите без слика.

Makedonski