Google претстави нова експериментална апликација за Windows со побрзо пребарување
Google најави лансирање на нова експериментална апликација за Windows, чија цел е да им овозможи на корисниците полесно и побрзо да доаѓаат до потребните информации. Со комбинацијата Alt + Space, може веднаш да се пребарува низ локалните датотеки и инсталирани апликации, содржините на Google Drive, како и интернетот.
Апликацијата функционира слично на Spotlight пребарувањето на Mac, нудејќи унифицирана лента за брзо пронаоѓање на информации на уредот и онлајн.
Новината е достапна преку Search Labs – платформата на Google за тестирање на рани функции, каде корисниците можат да дадат повратни информации пред официјалното пошироко објавување.
Во апликацијата е интегриран Google Lens, што овозможува пребарување на содржини директно од екранот – од преведување текст и анализирање слики, до решавање задачи по математика. Дополнително, достапен е и AI режимот на Google, кој овозможува поставување посложени и повеќеделни прашања преку вештачка интелигенција.
Корисниците можат да се префрлуваат меѓу различни категории на резултати – целосно пребарување, AI одговори, слики, видеа, купување и друго, како и да го активираат темниот режим.
Во моментов апликацијата е достапна само на англиски јазик за корисниците во САД, со услов да користат Windows 10 или понова верзија, објави TechCrunch.