Запален автомобилот на претседателот на СДСМ Скопје, Ѓорги Галетановски – Чомбе
Ноќеска околу 3 часот по полноќ бил запален автомобилот на Ѓорги Галетановски – Чомбе, претседател на скопската организација на СДСМ и поранешен директор на Зоолошката градина во Скопје.
Возилото било паркирано пред неговата зграда во населбата Кисела Вода и целосно изгорело во пожарот. Галетановски за медиумите изјави дека за инцидентот го разбудил неговиот брат, кој му кажал дека автомобилот е во пламен и дека се слушаат експлозии од пукнати гуми.
Противпожарни екипи интервенирале и го изгаснале пожарот, а полицијата извршила увид. Според Галетановски, сторителот бил забележан како бега од местото – висок, слаб, облечен во дуксер.
„Ниту сум скаран со некого, ниту некој ми се заканувал. Апелирам до МВР и министерот што побрзо да го пронајдат сторителот. Не ми е за материјалната штета, туку за безбедноста во Кисела Вода – младите не смеат да живеат со вакви проблеми“, изјави Галетановски за Слободен печат.