1,6 милиони евра за мистериозни вработувањa преку приватна агенција во Тетово
Порталб.мк ги анализираше договорите за привремени вработувања на порталот за јавни набавки, при што откри дека Општина Тетово, заедно со јавните претпријатија ЈПК „Тетово Транспорт“ и ЈКП „Шари“ за четири години потрошиле вкупно 102.378.130 милиони денари за привремени вработувања преку Приватната агенција Џоб 2011, што е околу 1.663.826 евра.
Само Општина Тетово има потрошено 57.059.998 денари или 927.326 евра за четири договори кои ги има склучено во 2022, 2023, 2024 и 2025 година. Тоа што може да се види е дека во 2025 година, изборна година, вредноста на договорот е повеќекратно поголема од претходните години.

И ЈКП „Тетово Транспорт“ склучувалo договори секоја година од 2022, 2023, 2024 и 2025 година, вкупната вредност на договорите е 15.518.132 денари или 252.197 евра.

ЈКП „Шари„ пак има склучено договори само во 2024 и 2025 година, бидејќи ова претпријатие е ново, и за овие две години ова претпријатие има склучено договори во вредност од 29.800.000 денари или 484.303 евра.

Институциите молчат
Од Општина Тетово, ЈКП „Шари“ и „Тетово Транспорт“ Порталб.мк побара список на вработени кои се ангажирани преку овие договори, нивните плати и функцијата што ја извршувале, но одговор од овие институции нема.
Од Агенцијата „Џоб 2011“ за Порталб.мк рекоа дека не можат да дадат информации со образложение дека бараните податоци се деловна тајна.
„Ние како агенција сме должни да ги чуваме за време на траење на договорот, како и по неговото раскинување со нашите клиенти, за сите наши клиенти и соработници, приватни и јавни претпријатија во согласност со Законот за лични податоци. Ние сме приватна агенција, а не јавна институција и вашето барање треба да биде упатено до надлежните институции, што во овој случај не сме ние“, ни рекоа од „Џоб 2011“.
Истото барање новинарите на Порталб.мк го доставија и до Општина Тетово преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, по што институциите се обврзани да одговорат во законски рок од 20 дена.
„Очекувавме промена, но се сменија само играчите“
За жал, промената што очекувавме да се случи со промената на општинската власт не се случи, туку се сменија само лицата што управуваат со општината. Ова за Порталб.мк го изјави активистката Елмедина Абдулаи од „Подобро за Тетово“.
„Со доаѓањето на актуелната влада на власт, тие ги објавија сите списоци на луѓе кои биле ангажирани да работат со договор во Општина Тетово со оправдување дека ги истакнуваат сите злоупотреби што ги направило претходното раководство. Тоа време ова ни даде надеж дека работите ќе се променат, но за жал, работите не се променија, дури и се влошија, односно и овие продолжија да работат на истиот начин, истите злоупотреби ги направи и актуелното раководство, но сега на понапреден начин со криење на имињата на лицата кои се ангажирани или во Општина Тетово или во претпријатијата што ги основала Општина Тетово“, рече Абдулаи.
Таа додаде дека ова остава простор за сомнежи за можни злоупотреби и дали сите тие луѓе кои се платени од парите на граѓаните се всушност вработени или се само партиски активисти кои работат за партијата што е на власт.
„Вработени се активисти кои не знаат каде е општината“
Хамит Хајрулаи од ДУИ вели дека никој нема пристап до податоците за тоа кој сè е вработен во општинските претпријатија преку приватната агенција за вработување „Џоб 2011“. Тој нагласи дека во текот на последните две години Општина Тетово, ЈКП „Тетово Транспорт“ и ЈКП „Шари“ потрошиле 77.360.000 денари за вработувања, за кои граѓаните немаат никакви информации.
„Зошто постапуваат на таков начин? Имаме право да се сомневаме дека станува збор и за непотизам и за вработување на партиски активисти кои веројатно немаат поим каде се наоѓаат овие претпријатија и објектот на Општина Тетово, односно само за финансирање на нивните поддржувачи и нивните активисти, не за доброто на градот. Сите знаеме дека на вистинските вработени во Јавното претпријатие Тетово не им се платени придонесите за здравствено осигурување и пензиско осигурување речиси 18 месеци“, рече Хајрулаи.
ДКСК отвори предмет
До Државната комисија за спречување на корупција сè уште не е пријавен никаков случај по ова прашање. Сепак, по прашањата доставени од Порталб.мк, ДКСК отвори предмет.
„На денешниот колегиум (27.08.2025 година), Државната комисија за спречување на корупција, по сопствена иницијатива и врз основа на добиените информации, отвори предмет во врска со наводите во вашето прашање“, соопштија од ДКСК.
Актуелниот градоначалник на Општината, Билал Касами, пред да дојде на чело на општината вети отчетност и транспарентна општина, што е и дел од изборната програма за Тетово 2021-2025, каде што меѓу другото се нагласува: постојана отчетност за трошењето на јавните средства, постапките на администрацијата да бидат проверливи преку интернет за граѓаните и за другите.
И покрај ветувањата за транспарентност, Општината не ги објави имињата на вработените во Општина Тетово преку Агенцијата за вработување „Џоб 2011“, тие во неколку случаи објавија само податоци за договорите што се во сила, честопати по притисокот од јавноста и медиумите.
Во меѓувреме, Општина Тетово останува една од општините со најголем долг, над 9,5 милиони евра.
Државната комисија за спречување на корупција и претходно алармираше дека се манипулира со привремените вработувања.
Привремените вработувања, во претходните години, беа остро критикувани во извештаите на Европската комисија како можност за вработување на партиски војници во јавната администрација. Овие вработувања се квалификувани како „намерни, политички и самоволни вработувања“.
 
			