Кондарко: Потребен е нов Изборен законик со јасни правила
Потребен е целосно нов Изборен законик со попрецизно дефинирани правила, порача претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, во интервју за Радио Слободна Европа. Според него, сегашниот закон е менуван повеќе од 30 пати од 2006 година наваму, но и понатаму содржи многу нејаснотии и непрецизности кои отвораат правни дилеми и создаваат предизвици при спроведувањето на изборите.
„Законот не ја опфаќа само работата на изборните органи, туку и финансирањето на партиите, кампањата и медиумите. Затоа треба да се размисли финансирањето да биде регулирано со посебен, издвоен закон“, истакна Кондарко.
Во однос на загриженоста за инфлација на кандидатски листи, тој посочи дека ДИК има законски овластувања да носи одлуки и да ги прилагоди на актуелната ситуација, со цел непречено одвивање на изборниот процес.
За прашањето со потписите на независните кандидати, Кондарко нагласи дека ДИК постапила согласно законот и одлуката на Уставниот суд од мај минатата година. „Не се доволни само два потписи. Постојат и други законски услови што учесниците мора да ги исполнат. ДИК со упатството не излезе надвор од законот, туку ја прилагоди постапката на конкретната ситуација“, додаде тој.
Претседателот на ДИК потенцира дека учеството на група избирачи е право загарантирано со законот и дека Комисијата не може да го ускрати тоа право.