Љубојно со соголени планини – по првиот дожд селото зафатено од порој, жителите предупредуваат на катастрофа
По масовното сечење на шумата над Љубојно, првиот пороен дожд предизвика сериозни проблеми во селото. За само еден час врнежи, голема количина вода се слеа кон населбата и го зафати просторот околу продавницата, алармираат жителите. Тие предупредуваат дека со уништувањето на шумската почва, која досега ја впиваше и задржуваше водата, теренот останал гол и незаштитен, што создава ризик од нови поплави и закана по безбедноста на населението.
Иако сечењето моментално е стопирано, жителите велат дека штетата е веќе направена. Тие посочуваат на апсурдот што стручни тимови за испитување на земјиштето се испратени дури сега, кога планината е соголена, наместо анализите да бидат извршени пред да се дозволи уништувањето на шумата.