Пожарот во Јасен сѐ уште активен, гаснењето продолжува од воздух
Пожарот во Јасен и денес останува активен, и покрај вчерашниот дожд кој само делумно ги намали пламените јазици. Утрово огнот повторно се распламтува на неколку непристапни локации.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека гаснењето ќе се изведува исклучиво од воздух, бидејќи теренот е премногу стрмен и ризичен за екипите.
„Дејствуваме со два ер-трактори на ДЗС. Шумата е зимзелена и се наоѓа на многу стрмни падини, поради што не е безбедно да спуштиме луѓе. Продолжуваме со гаснење со нашите авиони и со полицискиот хеликоптер“, изјави Ангелов.
Тој изрази надеж дека пожарот, кој е активен веќе повеќе од една недела, во текот на денот ќе биде ставен под контрола.
Во меѓувреме, активни пожари беа регистрирани и во Општина Липково, во селото Слупчане каде што гори борова шума, како и во Парк-шумата Водно, каде што беше запалена сува трева.