Албанија станува сѐ поатрактивна за странски инвестиции во недвижности
Албанија изминативе години се позиционираше како популарна дестинација за странски инвестиции во недвижнини, особено долж крајбрежјето, каде цените и натаму остануваат пониски отколку во соседните земји како Хрватска и Црна Гора.
Според податоци од Централната банка на Албанија, во текот на 2024 година странски државјани инвестирале околу 380 милиони евра во купување имот во земјата. Овие средства се евидентираат како директни странски инвестиции во секторот за недвижности.
Анализа на економскиот весник „Монитор“ покажува дека од 2021 година наваму, кога започна засилен интерес од странски купувачи — пред сѐ за имоти покрај морето — досега во земјата се слеале околу 1,3 милијарди евра.
Во делот на странските инвестиции, уделот на недвижнините бележи значителен раст. Додека во 2014 година тие сочинуваа само 5,7% од вкупните странски вложувања, во 2024 година тој процент достигна 24%. Рекорден бил првиот квартал од 2025 година, кога речиси 29% од сите странски инвестиции биле насочени кон купување станови.
Вкупната вредност на странските директни инвестиции во првите три месеци од годинава достигна 362 милиони евра — зголемување од 2,3% во споредба со истиот период лани. Финансискиот и осигурителниот сектор се најде на второ место со 75 милиони евра, додека рударството привлече 51 милион.
Од другите дејности, трговијата забележа раст од 28%, додека производството и енергетиката покажале намалување на инвестициите.