Пензионираните пилоти повторно во служба: „Air Tractor“ авионите подготвени за летната противпожарна сезона

15

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) ја зголемува оперативната готовност за справување со пожари на отворено, откако вчера беше потпишан договор за повторен ангажман на двајцата искусни пензионирани пилоти, Стоје Арсовски и Васко Михалчев.

Договорот го потпиша вршителот на должноста директор на ДЗС, Стојанче Ангелов, со што се обезбедува целосна оперативност на специјализираните противпожарни авиони „Air Tractor“, кои ќе бидат ставени во функција за време на летната сезона кога ризикот од пожари е најголем.

Обновувањето на воздухопловната оперативност е клучен дел од нашата стратегија за брза и ефикасна реакција при пожари, особено во руралните и планинските предели каде што пристапот по копно е отежнат.

соопштија од Дирекцијата.

Вториот авион од истиот тип, кој беше на редовен сервис во Австрија, се очекува наскоро да се врати во земјава и да биде ставен во функција, со што двете летала ќе бидат подготвени за интервенции.

Ангажманот на Арсовски и Михалчев, ветерани во пилотирање на воздушни летала за гаснење пожари, претставува значаен чекор во унапредување на капацитетите на Македонија за заштита од природни непогоди, особено од пожари кои ја загрозуваат животната средина, имотот и безбедноста на граѓаните.

Makedonski