Скопски ноќен полумаратон: Прво издание на Centar Night Run со учесници од 18 градови и осум европски држави
Централните улици на Скопје и Дебар Маало вечерва ќе се претворат во тркачка патека за првото издание на Centar Night Run — нов урбан спортски настан со две дистанци, полумаратон од 21 километар и рекреативна трка од пет километри, кој ќе собере натпреварувачи од цела Македонија и Европа.
Трката е закажана за сабота, 7 ноември 2026 година, во организација на „Прв до Врв” и со поддршка на Општина Центар. Полумаратонот на 21 километар стартува во 17:00 часот, а трката на 5 километри во 18:00 часот. Загревањето за учесниците на подолгата дистанца е закажано за 16:45, а за пократката за 17:45 часот. Прогласувањето на победниците ќе се одржи во 19:45 часот.
Патеката ги поврзува Дебар Маало, улиците „Орце Николов” и „Франклин Рузвелт”, булеварот „Илинден”, западната страна на булеварот „Св. Климент Охридски”, како и улиците „Наум Наумовски Борче” и „Михаил Цоков”. Учесниците на 5К ќе трчаат еден круг, а полумаратонците четири.
Од 18 македонски градови и осум европски држави
На настанот се пријавени тркачи од Скопје, Тетово, Пробиштип, Куманово, Кочани, Прилеп, Штип, Охрид, Кавадарци, Валандово, Гевгелија, Ресен, Македонски Брод, Струга, Берово, Крушево, Велес и Демир Хисар. Меѓународната димензија ја даваат учесници од Босна и Херцеговина, Косово, Чешка, Германија, Словачка, Русија, Турција и Италија.
Награден фонд од 144.000 денари
За најдобрите е обезбеден вкупен награден фонд од 144.000 денари, со еднакви парични награди во машка и женска конкуренција на двете дистанци. На полумаратонот, наградите изнесуваат 20.000 денари за прво, 15.000 за второ и 10.000 денари за трето место. На трката од 5 километри се предвидени 12.000, 9.000 и 6.000 денари за првите три места, соодветно.
Сообраќаен режим и подигнување стартни пакети
Подигнувањето на стартните пакети ќе се одвива утре од 10:00 до 16:00 часот на скверот пред Општина Центар во Дебар Маало, кај спомен-клупата на Горан Стефановски.
Во периодот на одржување на трките, сообраќајот во реонот на патеката ќе се одвива со ограничувања. Организаторите апелираат до граѓаните за разбирање и ги повикуваат возачите да користат алтернативни правци. Сите возила треба навреме да бидат преместени од паркингот пред Општина Центар и од големиот паркинг пред вулканизерот.
Организаторите ги повикуваат граѓаните да излезат покрај патеката, да ги бодрат учесниците и да придонесат за атмосферата на првото издание на настанот, кој има амбиција да прерасне во препознатлива урбана спортска традиција на Центар.