Внимавајте овој викенд со платежните картички: Привремени прекини на 7 и 8 ноември поради модернизација на платниот промет

Сите банки во земјава ќе спроведуваат технички прилагодувања на своите системи во текот на претстојниот викенд, 7 и 8 ноември, поради воведувањето на новите стандарди во денарскиот платен промет кои стапуваат во примена од понеделник, 9 ноември, информира Македонската банкарска асоцијација.

6

Ограничувањата најмногу ќе се однесуваат на платежните трансакции, но точните термини, услугите што ќе бидат опфатени и времетраењето на прекините ќе ги соопшти секоја банка поединечно. Од Асоцијацијата ги повикуваат граѓаните и компаниите навреме да ги планираат плаќањата и да ги следат известувањата од своите банки за да избегнат евентуални проблеми во текот на викендот.

Што се менува од понеделник?

Од 9 ноември почнува примената на новите платни налози, новите шифри за целта на плаќањето и користењето на платежните сметки во ИБАН-формат. Од Македонската банкарска асоцијација нагласуваат дека постојните броеви на сметките нема да се менуваат, а нивното прикажување во новиот формат во електронското и мобилното банкарство автоматски ќе го приспособат самите банки.

„Станува збор за однапред планирани технички активности, кои се дел од модернизацијата на националниот платен промет”, уверуваат од Асоцијацијата.

Граѓаните и правните лица се советуваат да ги завршат итните плаќања пред петок, 6 ноември, или да ги одложат за понеделник, откако системите повторно ќе бидат целосно функционални.