Нови 104 страници за онлајн коцкање блокирани — вкупниот број надмина 460

Министерството за дигитална трансформација достави нов налог до Агенцијата за електронски комуникации за блокирање на дополнителни 104 веб-страници преку кои нелегално се приредуваат игри на среќа, со што вкупниот број блокирани платформи достигна 462.

3

Министерството за дигитална трансформација (МДТ) информираше дека до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) е доставен нов налог за блокирање на дополнителни 104 веб-страници кои нелегално нудат онлајн игри на среќа на територијата на Северна Македонија.

„Со ова, вкупниот број записи опфатени со досегашните налози за блокирање достигнува 462. Со ова продолжуваат активностите за спречување на нелегалното приредување игри на среќа преку интернет и за ограничување на пристапот до платформи што работат спротивно на законските прописи во државата”, соопшти МДТ.

Заштита на малолетниците и личните податоци

Од Министерството нагласуваат дека мерките се насочени кон заштита на граѓаните во интернет-просторот, вклучително од ризиците поврзани со споделување лични и финансиски податоци на нелегални платформи.

„Посебен акцент се става на заштитата на малолетниците и спречувањето на нивната изложеност на онлајн коцкање”, истакнуваат од МДТ.

Пет дена рок за операторите

Во согласност со доставениот налог, АЕК е должна во рок од пет дена од неговото добивање да го проследи до операторите на електронски комуникациски мрежи. Операторите треба веднаш да постапат по налогот и да го ограничат пристапот до наведените веб-страници, со прикажување соодветно известување за причината за блокирањето.

Апел до граѓаните и родителите

Од Министерството апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не споделуваат лични и финансиски податоци на непроверени веб-страници.

„Ги повикуваме родителите и старателите да посветат дополнително внимание на онлајн активностите на децата и да разговараат со нив за ризиците во интернет-просторот”, порачуваат од МДТ.

Министерството најавува дека ќе продолжи со преземање мерки за сузбивање на нелегалното онлајн коцкање и создавање побезбеден интернет-простор за граѓаните.