Клековски: Приватна болница со години вршела двојна наплата — земала пари и од ФЗО и од пациентите за исти услуги

Министерот за здравство откри детали за утринската полициска акција: пет лица се инволвирани во системска злоупотреба на средства од Фондот за здравствено осигурување, а истрагата трае повеќе од една година и опфаќа повеќе институции.

3

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска ги потврди деталите за масовната полициска акција спроведена утрово од Одделот за организиран криминал при МВР. Според неговите зборови, во случајот се инволвирани три лица од Фондот за здравствено осигурување и две лица од приватна здравствена установа.

„Една од најмасовните злоупотреби е двојната наплата на пациентите — земени се пари од Фондот за одредена услуга за која има договор, и таа иста услуга под различни превези и изговори е наплаќана од пациентите”, изјави Клековски.

Истрага од повеќе од една година

Министерот посочи дека утринската акција е резултат на повеќемесечна оперативна работа и истрага која трае повеќе од една година.

„Се надевам дека МВР наскоро ќе излезе со повеќе детали. Можам само да ја потврдам акцијата, да ја потврдам соработката и да изразам голема благодарност на истрајноста и упорноста на вработените во МВР и на Јавното обвинителство, што конечно една од ситуациите на кои работевме изминатите две години доаѓа до одредена завршница”, рече Клековски.

Клековски: Јас ја иницирав истрагата додека бев директор на ФЗО

Министерот откри дека лично бил иницијатор на истрагата во периодот кога бил директор на Фондот за здравствено осигурување, бидејќи станувало збор за здравствена установа со повторувачки прекршоци со години.

„Не е една, двапати, трипати, туку постојано повторување на слични прекршоци за кои не било соодветно казнувана. Јас предложив на Комисијата за прекршоци, и таа прифати да се раскине договорот со таа здравствена установа за да се прекине ланецот на неказнивост. Истовремено побарав да се покрене истрага”, појасни Клековски.

Повеќе институции вклучени во истрагата

Во затворањето на случајот, покрај МВР и Секторот за контрола на ФЗО, биле вклучени и Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за лекови, со цел истрагата да се опфати од сите аспекти.

Според претходните неофицијални информации, штетата врз буџетот надминува 1,5 милиони евра, додека противправно стекнатата материјална корист за болницата се проценува на околу 4 милиони евра. Утринската акција опфати претреси на повеќе од 10 локации во Скопје, Тетово и Куманово.

Клековски ја даде изјавата одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на настанот по повод одбележувањето на Светскиот ден на мозочниот удар.