Крилото „12:05“ во СДСМ по изборите во Србија и Бугарија: Граѓаните се уморни од корупциски профитери, време е за обединување на опозицијата

Организаторите на иницијативата „Разговори за иднината во 12:05", која бара оставка од лидерот Венко Филипче, ги поздравија политичките промени во Белград и побараа од бугарската претседателка Јотова брза екстрадиција на Ива Михаилова.

13

По вонредните парламентарни избори во Србија и претседателските во Бугарија, организаторите на „Разговори за иднината во 12:05″ — иницијатива на крилото во СДСМ кое бара оставка од партискиот лидер Венко Филипче — излегоа со соопштение во кое повлекуваат паралели меѓу регионалните и домашните политички процеси.

„Добивме уште еден пример по Унгарија дека граѓаните се уморни од традиционалните политички опции, долгогодишните професионални политичари и корупциски профитери. Затоа се приклонуваат кон автентични политички коалиции на прогресивната демократска јавност”, наведуваат од иницијативата.

Тие им честитаа на граѓаните на Србија за високата излезност и на студентската листа за изборната победа, оценувајќи дека истрајноста и непосредната комуникација со граѓаните можат да донесат реални политички промени. Истовремено, изразија надеж за брзо нормализирање на состојбите во Србија по речиси две години протести и политички тензии.

Барање до Јотова за екстрадиција на Михаилова

Во делот посветен на Бугарија, организаторите упатија директно барање до претседателката Илијана Јотова да иницира постапка за брза екстрадиција на Ива Михаилова во Македонија.

„Очекуваме, откако го злоупотреби бегството на Ива Михаилова во својата кампања, претседателката Илијана Јотова да покаже политичка мудрост и во пресрет на вториот круг да иницира постапка за нејзина брза екстрадиција во Македонија и соочување со правдата”, се наведува во соопштението.

Според организаторите, Јотова има морална одговорност да придонесе за подобрување на билатералните односи, имајќи предвид дека била потпретседателка на Румен Радев во периодот на потпишувањето на Договорот за добрососедство.

Предупредување за радикалната реторика

Од иницијативата предупредуваат дека евентуалното продолжување на радикалната реторика во бугарската претседателска кампања може да го зголеми притисокот во Македонија за преиспитување на Договорот.

Тие нагласуваат дека стремежот кон полноправно членство во Европската Унија не треба да подразбира безусловно прифаќање национални отстапки за кои нема широка поддршка, и оценуваат дека недоволно решителните реакции на политичките провокации од Софија ги продлабочуваат внатрешните поделби и го отежнуваат консензусот за неопходните реформи.

Домашни барања: една изборна единица и отворени листи

Во однос на домашните политички состојби, организаторите бараат исполнување на предизборното ветување за воведување една изборна единица со отворени листи, нагласувајќи дека реформата треба да се спроведе пред следните парламентарни избори.

Посебен акцент ставаат на улогата на младите во идните политички процеси.

„Во Македонија студентите и генерално младите, без разлика на нивната етничка и верска припадност и колку во моментот се потценети од традиционалните партии, поседуваат интегритет и капацитет да бидат значаен фактор во политичките промени”, порачуваат организаторите.

Повик за обединување на опозицијата

Соопштението завршува со повик за пошироко политичко обединување на прогресивните сили.

„Уште еднаш се потврди дека без вистинско обединување на целокупната опозициска прогресивна демократска јавност е речиси невозможно да се победат десничарските популистички власти на Балканот”, заклучуваат организаторите на „Разговори за иднината во 12:05″.