Делегација од италијанскиот град Неиве оддаде почит пред дискотеката „Пулс” во Кочани: „Неиве стои покрај вас”

Градоначалникот Паоло Пичинели, заменик-градоначалничката Луиза Бофа и советничката Силвана Трајановска со едноминутно молчење на местото на трагедијата ја потврдија длабоката врска меѓу италијанскиот град и Кочани, изградена преку македонската дијаспора.

11

Делегација од италијанскиот град Неиве составена од градоначалникот Паоло Пичинели, заменик-градоначалничката Луиза Бофа како и советничката Силвана Трајановска во кој живее значајна македонска заедница, денеска на местото на трагедијата пред дискотеката „Пулс” во Кочани оддаде почит кон жртвите на страшниот пожар кој ги одзеде животите на голем број млади луѓе.

Едноминутно молчење како гест на братство

Градоначалникот Паоло Пичинели и заменик-градоначалничката на Неиве, Луиза Бофа, заедно со советничката Силвана Трајановска, во присуство на претставници на локалната заедница, одржаа едноминутно молчење на самото место каде што се случи трагедијата.

„Ова не беше само формален чин, туку гест на длабоко и искрено братство. Врската што ги поврзува Неиве и Кочани е изградена врз споделени моменти на среќа, но е зацврстена, на нераскинлив начин, преку солидарност и заемна поддршка пред лицето на најболните рани”, порачаа од делегацијата.

Неиве и Кочани – градови поврзани преку дијаспората

Италијанскиот град Неиве, лоциран во регионот Пиемонт, е дом на голем број македонски иселеници, од кои многу потекнуваат токму од кочанскиот крај. Оваа демографска врска меѓу двата града создаде силни културни и емотивни врски кои траат со децении, а трагедијата во „Пулс” длабоко ја погоди и италијанската заедница.

„Нашите најдлабоки и најискрени мисли се упатени кон заедницата на Кочани, придружени со уверувањето дека Неиве стои – и секогаш ќе стои – покрај неа”, се наведува во заедничката порака на делегацијата.

Гестот на италијанските претставници е еден од многуте изрази на солидарност кои пристигнуваат од странство по трагичниот настан во Кочани, потврдувајќи дека болката на кочанската заедница ја чувствуваат и оние кои живеат далеку од родниот крај.