Бугарија стави рампа за репреговарање: Петрова порача дека договорот од 2022 година е единствениот пат за Македонија кон ЕУ
Шефицата на бугарската дипломатија од собраниската говорница во Софија децидно отфрли какви било консултации за нови услови. Муцунски по средбата нотираше висок степен на меѓусебна недоверба.
Бугарија категорично одбива да учествува во какви било разговори или консултации за повторно преговарање на обврските што Македонија ги презеде на својот пат кон Европската Унија, изјави денеска бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова Чамова, за време на редовната парламентарна контрола во Народното собрание во Софија.
Одговарајќи на пратенички прашања поврзани со билатералните односи и европската перспектива на Скопје, Петрова нагласи дека официјална Софија нема намера да отстапи од зацртаните позиции.
„Бугарија не е во процес на дискусија или консултации за промена на веќе утврдените услови и обврски преземени од Скопје. Ставот на Софија останува непроменет – спроведувањето на договорот од 2022 година е најдиректниот и единствен можен пат за Република Северна Македонија да напредува кон членство во ЕУ. Не поставуваме нови барања надвор од општо прифатената европска рамка, туку инсистираме на строго почитување на досега потпишаните договори и гарантирање на правата на Бугарите во соседната земја“, порача Петрова, додавајќи дека довербата се гради исклучиво преку реални постапки на терен.
Муцунски: Позициите се оддалечени, постои висок степен на недоверба
Оваа цврста порака од бугарскиот парламент доаѓа само еден ден по билатералната средба во Софија меѓу министерката Петрова и македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, одржана на маргините на Меѓународната конференција за Коридорот 8.
Министерот Муцунски ја оцени средбата како конструктивна, но отворено призна дека ставовите на двете страни остануваат значително оддалечени, нотирајќи дека во релациите меѓу Скопје и Софија во моментов преовладува висок степен на недоверба околу процесот на евроинтеграциите.
Идентитетот не смее да биде кочница за ЕУ
Од македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија информираа дека двајцата министри се согласиле дипломатскиот дијалог да продолжи и во наредниот период, без оглед на длабоките разлики во погледите.
Шефот на македонската дипломатија притоа испрати јасна порака дека прашањата поврзани со националниот идентитет, историјата и културата не смеат да се злоупотребуваат како алатка за блокирање на европскиот пат. Муцунски подвлече дека без отворена комуникација е невозможно да се стигне до компромис, но истовремено предупреди дека самиот дијалог не е автоматска гаранција за надминување на наталожените разлики.