Фон дер Лајен во официјална посета на Скопје: Средби со Мицкоски и Сиљановска-Давкова за деблокада на евроинтеграциите

Претседателката на Европската комисија на разговори со македонскиот државен врв. Владата бара поголема вклученост на Брисел и гаранции за предвидливост во спорот со Софија.

7

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска престојува во официјална посета на Република Македонија, во рамките на нејзината редовна дипломатска турнеја низ земјите од Западен Балкан.

Агендата на шефицата на европската извршна власт во Скопје започнува со тет-а-тет средба со премиерот Христијан Мицкоски, по што двајцата лидери ќе одржат заедничка прес-конференција во Медија центарот на Владата. Главни теми на разговорите се очекува да бидат реформскиот напредок на земјата, европскиот План за раст, како и изнаоѓањето модел за надминување на спорот со Бугарија и продолжување на преговорите со ЕУ.

Владата подготвена за компромис, но бара сигурност и европски гаранции

Во пресрет на разговорите со Фон дер Лајен, премиерот Мицкоски порача дека институциите се подготвени за отворен дијалог со цел изнаоѓање достоинствено решение, категорично отфрлајќи ги опозициските критики дека власта намерно ги опструира евроинтеграциите.

„Нашиот став е кристално јасен, нашите аргументи се добро познати. Ние сме подготвени да разговараме, да дебатираме и на крајот од денот да дојдеме до вистинско решение“, изјави премиерот Мицкоски.

На иста линија се надоврза и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој потенцираше дека Македонија инсистира на формула која ќе донесе целосна предвидливост и ќе стави крај на постојаните блокади во процесот. Муцунски оцени дека досегашните директни билатерални обиди со Софија не дадоа резултат, поради што е неопходен поголем и подиректен ангажман на Европската Унија како медијатор. Тој повтори дека под сегашните крути позиции на Бугарија, нема услови за реализација на уставните измени.

Средба во „Вила Водно“ со претседателката Сиљановска-Давкова

По владините средби, Урсула фон дер Лајен ќе се упати во претседателската резиденција „Вила Водно“, каде што ќе оствари средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

На средбата ќе се дебатира за геополитичките предизвици, зачувувањето на регионалната стабилност и неопходноста европската перспектива на Западен Балкан да се трансформира во опиплива реалност за граѓаните.

Регионален контекст на турнејата

Посетата на Скопје е дел од пошироката балканска мисија на Фон дер Лајен, која претходно престојуваше во Тирана, Подгорица и Приштина. Од оваа турнеја беа изоставени Босна и Херцеговина и Србија, поради изборните процеси кои се одвиваат во двете земји.