Филипче со фронтален напад врз поранешните сопартијци: Молчевте за дивеењето на Груби и Кривичниот законик, а сега ве праќа Мицкоски

Лидерот на СДСМ упати жестоки критики до Петровска, Петров и Ивановски, порачувајќи дека вистинската партиска реформа започнала токму со нивното заминување од раководството на „Бихаќка“.

20

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати директни и жестоки обвинувања кон поранешните високи партиски функционери кои деновиве се активираа преку паралелни политички иницијативи и платформи, тврдејќи дека токму тие се главните виновници што партијата го доживеа најтешкиот изборен пораз во својата историја во 2024 година.

Филипче поименично ги прозва поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, поранешниот шеф на изборниот штаб и член на ИО Андреј Петров, како и Игор Ивановски, кој во тој период беше задолжен за изработка на изборната програма.

„Тие луѓе за малку комплетно ќе ја закопаа партијата. Вчера на иста маса седеа токму оние кои беа дел од највисоките структури и учествуваа во креирањето на сите политики до 2024 година. Истите тие денес повторно се активираат за да работат директно против сопствената партија“, истакна Филипче.

„Каде бевте кога Бујар Османи го презентираше францускиот предлог?“

Лидерот на социјалдемократите отвори серија непријатни прашања за тоа зошто овие поранешни функционери не покажале храброст и став во моментите кога се носеле најконтроверзните политички одлуки кои драстично му наштетија на рејтингот на СДСМ.

„Што направија овие другари тогаш за да го спречат дивеењето на Артан Груби? Направија ли нешто за тој однос да не ни го урне рејтингот? Францускиот предлог лично го презентираше Бујар Османи на состанок на Извршниот одбор. Зошто тогаш Андреј Петров не се побуни? Имаше ли став? Тогаш ли беше добар францускиот предлог, а сега одеднаш не чини?“, запраша Филипче.

Измените на Кривичниот законик – трагичен чин и амнестија

Како посебно скандалозен момент од минатото владеење, Филипче ги посочи контроверзните измени на Кривичниот законик донесени во септември 2023 година, кои предизвикаа масовни критики во јавноста и од меѓународната заедница.

„Што кажаа тие тројца кога во Собранието се менуваше Кривичниот законик? Тоа беше трагичен чин, еден од најтрагичните во нашата историја – чиста амнестија за криминалци. Што кажаа тогаш овие луѓе кои седеа во највисоките партиски ешалони? Вистинската реформа во СДСМ се случува токму затоа што нив повеќе ги нема таму каде што се одлучува“, порача лидерот на опозицијата.

„Мицкоски ве испраќа за да нè дефокусира“

Филипче отворено изрази сомнеж дека зад актуелното активирање на поранешните функционери и обидите за внатрепартиски превирања стојат надворешни политички центри предводени од власта.

„Излегуваат токму сега затоа што ги праќа Христијан Мицкоски да нè дефокусираат и да ни го одвлечат вниманието од вистинските проблеми во државата. Но, тоа нема да им успее. Јас ја презедов партијата во најтешката состојба во нејзината историја. Борбата не е лесна, но научивме важни лекции. Градиме нови, конзистентни политики и процесот на консолидација на СДСМ незапирливо продолжува“, заклучи Филипче.