Еврокомесарката Марта Кос децидна: Македонија мора да го исполни ветувањето за уставните измени, договорот е со сите 27 членки на ЕУ

Во интервју за бугарската национална телевизија (БНТ), новата еврокомесарка за проширување порача дека внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е задолжителен услов за продолжување на европскиот пат.

11

Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, уште еднаш порача дека Република Северна Македонија мора да ги реализира уставните измени и да ја внесе бугарската заедница во највисокиот правен акт како неопходен предуслов за продолжување и деблокада на преговарачкиот процес со Европската Унија.

Во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ), одговарајќи на прашањето како Брисел планира да изврши влијание врз официјално Скопје за да ги спроведе уставните корекции, Кос нагласи дека се надева оти актуелниот замав во политиката на проширување ќе биде искористен и од страна на Македонија.

Преземените обврски мора да се почитуваат

Еврокомесарката подвлече дека преземените обврски од страна на македонските власти не се само билатерално прашање, туку рамка договорена со целата Унија.

„Владата во Северна Македонија мора да го одржи своето ветување. Тие мора да го променат својот Устав, бидејќи тоа е јасно договорено меѓу Северна Македонија и сите 27 земји-членки на ЕУ. Откако оваа обврска ќе биде исполнета, ќе сметам на поддршката и од страна на Бугарија за да продолжиме напред во процесот“, изјави Кос.

Оптимизам за соработка со официјална Софија

Кос воедно изрази увереност дека Брисел ќе има одлична комуникација со новата бугарска Влада со цел наоѓање заеднички јазик и деблокирање на процесот за регионот.

„Верувам во новата бугарска Влада, со која соработувам многу добро. Сите ние заедно ќе најдеме начин да го придвижиме процесот напред. Би била исклучително среќна доколку овој поволен момент за проширување на ЕУ го искористиме и за Северна Македонија“, заклучи еврокомесарката за проширување.