Македонски бугари ќе ја промовираат македонската Влада, фирма од Бугарија ќе е владин „ПиАр“ за 350.000 евра

23

И додека трае политичката „ладна војна“ помеѓу Македонија и Бугарија, нашата држава превзема чекор кој безмалку и не е толку чуден, знаејќи го фактот дека толку „несаканата“ Бугарија всушност е најсакана кога станува збор за бизнис релациите особено со власта.

Генералниот секретаријат на Владата склучи нов едногодишен договор вреден 21,2 милиони денари (околу 350.000 евра) за видео и фотопродукција, медиумско следење и информирање за реализацијата на владините проекти. Договорот е официјализиран на 1 септември со компанијата „Фрајдеј Комуникации ДООЕЛ Скопје“, а потписник од страна на Владата е генералниот секретар Игор Јанушев.

Според спецификацијата на јавната набавка, договорот со важност од една година содржи три основни ставки: видеопродукција, фотопродукција и реализација на сеопфатна комуникациска кампања.

Втор милионски договор за истата маркетинг-агенција

Ова е втор последователен голем договор што оваа компанија го добива од Генералниот секретаријат на Владата. Претходно, во мај 2025 година, „Фрајдеј Комуникации“ склучи договор со идентична намена во вредност од 23,6 милиони денари (околу 360.000 евра), со што вкупната сума исплатена од владиниот буџет кон овој субјект надминува 700.000 евра за две години.

Сопственички врски со компанија во Благоевград

Според официјалните податоци од деловната платформа „CompanyWall“, сопственоста на „Фрајдеј Комуникации“ ја делат Марко Костадиновски и правното лице „МК МЕДИЈА ГРУП ЕООД“.

Бугарските деловни регистри покажуваат дека „МК МЕДИЈА ГРУП ЕООД“ е фирма регистрирана во 2020 година со седиште во Благоевград, Бугарија, специјализирана за маркетинг услуги, рекламни активности и консултантска дејност. Како нејзин сопственик се води Ванчо Бошков (кој претходно ја откупил компанијата од Марко Костадиновски), додека управител е Зоран Милевски. Во медиумските извештаи претходно се споменуваа и наводни бизнис-релации на Костадиновски со поранешниот директор на МРТ, Марјан Цветковски.

Контроверзи околу трошењето на јавните пари за пи-ар услуги

Ангажирањето приватни агенции за маркетинг и истражувања останува чувствителна тема во јавноста. Меѓу договорите што претходно предизвикаа остри критики беше и набавката од март 2025 година, кога Владата потпиша договор вреден 400.000 евра со агенцијата „Маркет Вижн“ за мерење на јавното мислење.