Европската комисија го објави распоредот до 2031 година: Кога ќе ги поместуваме стрелките и зошто сè уште нема укинување на сезонското време?
Европската комисија ги утврди и официјално ги објави датумите за почетокот и крајот на летното сметање на времето за период сè до 2031 година. Согласно важечката регулатива на Европската Унија, часовниците на европскиот континент продолжуваат да се поместуваат двапати годишно – еден час нанапред во последната недела од март и еден час наназад во последната недела од октомври.
Клучни датуми за 2026 и 2027 година
Според објавениот календар, преминот кон зимското сметање на времето за тековната 2026 година ќе се случи ноќта меѓу 24 и 25 октомври, кога стрелките ќе се вратат еден час наназад. Во 2027 година, пак, летното сметање на времето ќе започне на 28 март, а ќе заврши на 31 октомври.
Дали ова значи дека дефинитивно ќе менуваме време до 2031 година?
Од Брисел појаснуваат дека објавениот шестгодишен распоред е исклучиво резултат на административно усогласување според постојните прописи и тоа не гарантира дека праксата за промена на стрелките ќе опстои до 2031 година. Доколку земјите-членки во меѓувреме постигнат политички консензус и се донесе нова директива, сезонското менување на времето би можело да биде укинато и значително порано.
Зошто заглави реформата за укинување на промената на часот?
Иницијативата за укинување на сезонското менување на времето со години е отворена тема во европските институции. Иако Европскиот парламент уште во 2019 година со големо мнозинство усвои нацрт-закон со кој практиката требаше целосно да прекине во 2021 година, примената на одлуката беше одложена на неодредено време.
Главната кочница се појави меѓу самите земји-членки во Советот на ЕУ, кои до денес не успеаја да се усогласат околу тоа кое сметање на времето – стандардното зимско или летното – треба трајно да се избере, со цел да се избегне фрагментација и временски хаос на заедничкиот европски пазар.