Филипче по повод 35 години независност: „Предците се изборија за држава, нашата генерациска должност е да ја направиме европска за младите да останат дома“

12

По повод големиот државен празник 8 Септември – Денот на независноста, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, упати празнична честитка до граѓаните, истакнувајќи дека македонската државност е градена со децении низ пожртвуваноста на повеќе генерации, а обврската на денешните генерации е да обезбедат европска иднина и просперитет во татковината.

„Денес со гордост одбележуваме 35 години од историската одлука на македонските граѓани за самостојна, суверена и демократска држава. Секоја генерација имаше свој историски влог: илинденците ги поставија темелите на борбата за слобода, генерацијата на АСНОМ ја втемели државноста, додека генерацијата од 1991 година избори независност по мирен пат и го започна меѓународното етаблирање на државата“, порача Филипче.

Континуитет, НАТО и европската иднина

Лидерот на СДСМ потсети на предизвиците и решенијата во изминатите три и пол децении, нагласувајќи го значењето на остварените стратешки цели како што е полноправното членство во НАТО алијансата и отворањето на портите кон Европската Унија.

„СДСМ е нераскинлив дел од тој државотворен континуитет – активен чинител во создавањето и развојот на современа Македонија, во мирното осамостојување, меѓународното признавање и евроатлантските интеграции“, нагласи претседателот на партијата.

„Државата се луѓето: Да создадеме европски услови за достоинствен живот“

Филипче потенцираше дека на овој значаен јубилеј погледот мора да биде насочен напред, кон младите и запирањето на иселувањето.

„Нашите предци се бореа за да имаме своја држава. Нашата генерациска задача денес е да се избориме нашите деца да сакаат да живеат во неа, односно да се избориме за Европска Македонија. Државата не се само институциите, туку секојдневниот живот на луѓето – достоинствената работа, економската сигурност и условите младите тука да основаат семејства“, истакна тој.

Тој упати повик за општествено единство околу градењето економски силна и праведна држава, каде што успехот ќе биде резултат на знаење и труд, а законите ќе важат еднакво за сите.

„Да ја продолжиме македонската државотворна линија со достоинство, заедништво и јасна визија за иднината во Европа. Македонија е сè што имаме. Нека ни е честит и вековит 8 Септември – Денот на независноста!“, заклучува Филипче во својата празнична порака.