Левица бара итен финансиски отчет за прославата на независноста: „Спектакл со народни пари, а вистинската цена се крие од јавноста“
Политичката партија Левица преку официјално соопштение упати остри критики до Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја за тотален недостиг на транспарентност и отчетност во врска со трошоците за организирање на државната прослава по повод 35 години од независноста на Македонија. Од партијата сметаат дека власта избрала скап спектакл без јавна одговорност, третирајќи ги граѓаните исклучиво како финансиери, но не и како суверени чинители кои имаат право да знаат како се троши државниот буџет.
Буџетот не е политички плен, а доверливоста не смее да биде параван
Од Левица потенцираат дека секој потрошен денар од државната каса подлежи на уставна и законска контрола, нагласувајќи дека комерцијалната тајност не може да биде алиби за сокривање на јавните расходи.
„Буџетот не е политички плен освоен на избори, туку финансиски израз на доверена власт. Затоа, тајноста околу трошоците за државната прослава е скандалозна и укажува дека власта почнува да ја доживува информацијата како приватна сопственост, а јавноста како натрапник. Иако портпаролката Марија Митева уште во мај ветуваше дека сите детали ќе бидат соопштени по финализирање на програмата, манифестациите завршија, а јавноста сè уште нема увид во вкупната сума“, се наведува во реакцијата.
Реакција за инцидентот со „Авалон продукција“ и хонорарот за Дејвид Гета
Партијата особено се осврна на односот кон медиумите, посочувајќи го денешниот вербален испад на сопственикот на „Авалон продукција“, Бобан Милошески, кој на новинарско прашање за висината на договорот за настапот на светскиот диџеј Дејвид Гета дрско одговори со контрапрашање: „Дали ти изгледам јас ко идиот?“.
„Во таа дрскост има повеќе политичка вистина отколку во сите патриотски говори за 8 Септември. Прашањето за парите на народот стана провокација, новинарската контрола нарушување на свеченоста, а јавниот интерес непожелна непријатност. Таа безобѕирност е директен производ на амбиентот што го создаде власта со одбивањето јавна отчетност“, велат од Левица.
Барање за целосен увид во сите договори, хонорари и спонзорства
Од Левица упатија категорично барање до Владата за итно и целосно обелоденување на целата финансиска конструкција на прославата, што вклучува:
- Вкупната финансиска вредност на комплетната празнична програма;
- Сите потпишани договори и анекси со приватни компании и изведувачи;
- Правната основа и постапките според кои се вршени ангажманите;
- Исплатените хонорари за домашните и странските ѕвезди;
- Продукциските и логистичките расходи, како и сите спонзорски приливи и приходи поврзани со настаните.
„Власта може да закупи најголеми сцени, да донесе светски ѕвезди и да постави километри патриотска сценографија, но вистинска државност не се гради со фасади. Државата им станува туѓа на луѓето кога власта располага со јавното добро како со своја приватна сопственост, барајќи од народот само аплауз, додека пристапот до касата останува строго забранет“, заклучуваат од Левица.