Мицкоски: Преговараме со 5-6 инвеститори за дата-центри, меѓу нив и глобален гигант – од оваа стратегија нема да отстапиме ниту милиметар
Македонија не смее да го пропушти глобалниот воз за технолошки развој и вештачка интелигенција, а Владата останува цврсто посветена на стратегијата за изградба на дата-центри во земјава. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, обелоденувајќи дека во моментов се водат разговори со пет до шест сериозни потенцијални инвеститори, меѓу кои е и една голема светска мултинационална компанија.
Дата-центри напојувани од нови гасни централи
Премиерот истакна дека современиот економски развој и растот на БДП во развиениот свет се директно врзани со податочната инфраструктура и вештачката интелигенција, посочувајќи ги како пример глобалните гиганти како Nvidia, Amazon, SpaceX и OpenAI.
„Како Влада апсолутно остануваме на таа стратегија и нема да отстапиме од тој чекор ниту еден милиметар. Впрочем, нашиот концепт предвидува преку гасификација да се изградат нови гасни централи кои ќе произведуваат електрична енергија, а која подоцна наменски ќе се користи за напојување на овие дата-центри, без да се оптоварува постоечкиот систем“, појасни премиерот.
„Критиките на опозицијата се одраз на тотално техничко незнаење“
Коментирајќи ги реакциите и сомнежите што во јавноста ги пласираше опозицијата, Мицкоски ги отфрли обвинувањата за наводни тајни зделки, оценувајќи ги како класична психолошка проекција и елементарно непознавање на материјата.
„Кај опозицијата очигледно работи потсвеста – тие тргнуваат од сопствениот начин на владеење кога со години ги лажеа и ограбуваа граѓаните, па мислат дека сите така работат. Оваа Влада покажа дека ништо не прави ‘под маса’. Секоја странска и стратешка инвестиција ја објавуваме јавно и транспарентно. Како инженер, не би сакал подлабоко да навлегувам во технички одговори на нивните коментари, бидејќи тие манифестираат тотална невистина и непознавање на современите технологии“, нагласи Мицкоски.
Случајот во Пехчево бил приватна иницијатива
Во однос на неодамнешните случувања и одлуката на Советот на Општина Пехчево да ја отфрли иницијативата за дата-центар во атарот на селото Панчарево, премиерот прецизираше дека државата немала никаква врска со тој проект.
„Она што се случуваше во Пехчево беше исклучиво приватна иницијатива и предлог на нацрт-урбанистички план. Државата немаше удел во тоа. Кога Владата ќе влезе во реализација или поддршка на стратешки проект од ваков тип, ќе излеземе јавно и отворено пред граѓаните со сите детали и параметри“, заклучи премиерот.