Балкоски: Владата се фали кога горивата поевтинуваат, а се крие зад РКЕ кога дизелот руши рекорди – потребен е итен план против сиромаштијата
Поранешниот министер за транспорт и врски и актуелен генерален секретар на ВМРО-Народна партија, Љупчо Балкоски, упати остра критика до власта во врска со водењето на економските политики и начинот на кој функционерите комуницираат со јавноста за ценовните шокови.
Двојни аршини за цените на горивата и евтин ПР
Балкоски посочува дека владините претставници манифестираат селективен пристап кога станува збор за енергетските движења – ликуваат и први се појавуваат пред камерите кога бензините ќе поевтинат за неколку денари, додека во моментите кога цената на дизелот надминува 100 денари по литар, целосно се повлекуваат и оставаат Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да ги соопшти лошите вести за граѓаните.
„Со пропаганда и празен маркетинг не се решаваат сериозните економски проблеми во државата. Додека цените на дериватите рушат рекорди, единствениот одговор на институциите е дека ‘ја следат ситуацијата’“, реагира поранешниот министер.
Јаз меѓу кошничката од 68.000 денари и минималецот од 26.000 денари
Генералниот секретар на ВМРО-НП нагласува дека животниот стандард на граѓаните континуирано тоне под притисок на инфлацијата. Тој потсетува дека ветуваните мерки и најавените владини потрошувачки кошнички сè уште не даваат никаков реален резултат.
„Синдикалната кошничка за месец август достигна алармантни 68.000 денари за основни животни потреби, додека Владата упорно одбегнува да ја покачи минималната плата, која и понатаму останува на ниски 26.000 денари. Најавеното намалување на цените на училишниот прибор е само симболичен потег кој нема да го заштити семејниот буџет пред новиот бран поскапувања наесен“, истакнува Балкоски.
Итно донесување Акционен план за намалување на сиромаштијата
Според него, наместо дневна политика, власта морала овој период да го искористи за креирање стратешки и системски решенија.
„Неопходно беше веднаш да се донесе и да започне реализацијата на сеопфатен Акционен план за намалување на сиромаштијата, да се стабилизираат ценовните шокови и да се врати нормалното функционирање на државниот апарат во служба на реалните потреби на народот“, заклучува Балкоски во својата реакција.