Прогласен крај на епидемијата во Гостивар, надлежните не ги објавија резултатите од последните анализи на водата
Центарот за јавно здравје – Гостивар денеска прогласи крај на епидемијата во Гостивар која настана откако се разболеа илјадници граѓани, поради тоа што фекални води завршија во водата за пиење. Министерот за здравство Сашо Клековски на денешната прес-конференција кажа дека епидемијата е прекината бидејќи немало пријавени случаи на гастроентеритис или стомачни проблеми поврзани со водата за пиење.
Во меѓувреме, иако неколкумина локални и државни функционери на 14 август пиеја вода од јавна чешма во Гостивар за да докажат дека е безбедна за пиење, сепак, ниту една институција не излезе со резултатите од последните направени анализи на водата. Мета се обиде да дојде до резултатите со оглед на тоа дека се земени мостри и истите се анализирани, но ниедна надлежна институција не открива информации кои се однесуваат на резултатите.
На прес-конференција само беше соопштено дека добиените резултати се задоволителни.
„Ние земавме мостри од три места во исто време во Гостивар и истите ги предадовме на анализа во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Таму се прават анализите, а не во Институтот. Одговори побарајте таму“, ни рече Марија Андоновска, директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во АХВ, пак, ни рекоа дека не се во можност да ни ги достават резултатите или барем да ни достават информации за наодите. И тие топката ја префрлаат на друга институција. Велат земале примероци од 7 мерни места во присуство на стручни лица од Институтот за јавно здравје и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Примероците биле испитани во две различни лаборатории во Скопје, една на Институтот, и една на Водовод. Двете институции, за добиените резултати, ги известиле Агенцијата за храна и ветеринарство и Кризниот штаб. Но, не соопштуваат пред јавноста какви се тие.
Откако е прогласена епидемијата во Гостивар на 19 јули, досега, здравствените власти евидентирале 1.149 заболени лица од ентероколит, односно стомачен вирус. Иако здравствените експерти предупредуваа дека бројките на заразени се 4-5 илјади (голем број од нив не се јавиле на лекар), од ИЈЗ за Мета објаснуваат дека бројката од 1.149 се базира само на пријавите кои ги прават лекарите што дијагностицираат и ги доставуваат до нив.
Според директорот на АХВ, водата во Гостивар е микробиолошки исправна уште од крајот на минатата недела но нивото на хлор било на дозволеното, односно 0,5 милиграми на литар.