Скандалозен вандализам на Шар Планина: Уништени над 45 столбови од новата зимска маркација кон Титов Врв, директно загрозени животите на планинарите
Јавната установа Национален парк „Шар Планина“ упати остар револт и осуда до јавноста по откривањето на сериозен вандалски чин во високопланинската зона. Повеќе од 45 од вкупно 112 новопоставени метални столбови од зимската маркација на релацијата Попова Шапка – Церипашина – Антени – Титов Врв се оштетени, искршени или целосно отстранети.
Опасност по животот во сурови зимски услови
Од Националниот парк алармираат дека овој чин не претставува само обична материјална штета, туку директно загрозување на човечки животи. Зимската маркација е витален систем за ориентација кога летните патеки се длабоко под снег. Трасата на оваа маркација намерно заобиколува одредени летни правци за да ги заштити планинарите од лавински ризици и опасни пропасти.
„Столбовите се специјално изработени за сурови временски неприлики и се обележани со високовидливи бои за да бидат забележливи во магла, снежни виулици и ноќни услови. Секој уништен столб значи исчезната ориентациона точка која во екстремни услови прави разлика меѓу живот и смрт“, предупредуваат од установата.
Уништен деветмесечен волонтерски труд
Особено поразителен е фактот што маркацијата на оваа 11-километарска делница се поставуваше макотрпно речиси девет месеци – од ноември 2025 до крајот на јули 2026 година. Во тешки теренски услови, повеќе од 25 волонтери, со поддршка од Здружението за одржлив развој „САТ“ од Скопје, донатори и општествено одговорни компании, вложија стотици работни часови за физички транспорт и монтажа на опремата.

Полициска истрага на терен
Случајот е веќе пријавен во Полициското одделение Попова Шапка. На 19 август 2026 година, стручен тим на полицијата заедно со претставници на НП „Шар Планина“ изврши детален увид на теренот, ги документираше оштетувањата и започна постапка за откривање и законско санкционирање на сторителите.
Од Националниот парк упатија јавна благодарност до совесните планинари кои веднаш ги пријавиле оштетувањата и апелираат до сите посетители на планината да покажат совест и грижа кон инфраструктурата.
„Во снег, магла и невреме, еден столб не е обично железо – тој значи безбедно враќање дома“, порачуваат од НП „Шар Планина“.