Спасувачка акција на Пелистер: Се извлекува повредено лице кај Малото Езеро

9

Во тек е операција за спасување и евакуација на повредено лице на планината Пелистер, во непосредна близина на локалитетот Мало Езеро.

Според првичните информации, повредениот веќе е лоциран од страна на спасувачките тимови, по што му била укажана неопходната прва медицинска помош на терен.

Во акцијата за извлекување, која се одвива на специфичен и тешко пристапен планински терен, учествуваат мешани екипи во тесна координација. Ангажирани се тимови од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), ренџерската служба на Националниот парк Пелистер, како и екипа на Итната медицинска помош од Битола.

Надлежните служби работат на безбеден транспорт на повреденото лице до најблиската медицинска установа. Засега не се соопштуваат детали за карактерот на повредите, ниту околностите под кои се случила несреќата.