Огнена опсада на Халкидики и во Далмација: Евакуација на стотици туристи преку море и копно

7

Балканот и соседството се под силен налет на шумски пожари кои директно ги загрозуваат елитните туристички центри. Драматични сцени со евакуации по море и борба со огнените јазици се регистрирани на грчкиот полуостров Халкидики и долж јадранскиот брег во Хрватска.

Драма на Халкидики: Морето единствен излез за Сивири и Фурка

Популарните туристички места Сивири и Фурка на првиот крак на Халкидики беа привремено отсечени од светот откако силен шумски пожар за само неколку часа стигна до прагот на куќите и хотелите. Поради специфичноста на теренот и густата борова шума, евакуацијата по морски пат беше единствената опција за околу 250 жители и туристи.

Додека на плажите се одвиваше спасувачка операција со чамци, на копнените патишта владееше сообраќаен колапс поради паниката меѓу оние кои се обидуваа да го напуштат регионот со возила. По целодневна битка во која учествуваа над 200 пожарникари, во доцните вечерни часови грчките власти информираа дека стихијата е конечно ставена под контрола.

Хрватска: Пламените јазици веќе голтаат куќи во Локва Рогозница

Слична драматична состојба владее и во Хрватска, каде огнената линија му се заканува на туристичкото место Локва Рогозница, лоцирано помеѓу Сплит и Макарска. Состојбата овде се оценува како „крајно загрижувачка“ поради олујниот ветер кој постојано го разгорува огнот и го менува неговиот правец.

На терен се околу 150 пожарникари кои се обидуваат да ги спасат станбените објекти. Според извештаите на хрватскиот јавен сервис ХРТ, огнот веќе ги зафатил првите куќи, предизвикувајќи значителна материјална штета. Наредена е итна евакуација на дел од туристите и месното население додека пожарникарите прават заштитни појаси околу населбата.

Надлежните служби во двете земји апелираат до туристите на максимална внимателност и следење на насоките за евакуација, бидејќи екстремните температури и ветровите го прават огнот непредвидлив.