СДСМ со жесток напад: Гостивар пет недели е без вода и во епидемија, а Мицкоски е на годишен одмор

9

Опозициската СДСМ преку официјално соопштение упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски за, како што велат, неговата целосна незаинтересираност за хуманитарната и здравствената криза која повеќе од еден месец го тресе Гостивар. Според партијата, додека граѓаните се соочуваат со епидемија и недостиг на вода за пиење, претседателот на Владата одбрал да замине на одмор.

Здравствен колапс: Водата небезбедна, болницата празна

Од СДСМ алармираат дека состојбата во Гостивар е критична. Веќе пет недели водата од градскиот водовод не е безбедна за пиење, принудувајќи ги граѓаните да чекаат во редици за флаширана вода.

„Отруена е и болницата, поради што пациентите мораа да бидат префрлени во друг град. Има појава на епидемија на жолтица, а градот се соочува со сериозен недостиг на лекари и медицински кадар. Деца, стари и болни лица се оставени сами на себе во борбата за основната потреба – чиста вода“, се вели во партиското соопштение.

Обвинувања за реторика на омраза и поделби

Опозицијата особено го критикува премиерот за неговото отсуство од теренот во време на криза. Тие посочуваат дека наместо помош, граѓаните добиле навреди.

„Во овие пет недели Мицкоски не се појави во Гостивар. Наместо тоа, тој замина на годишен одмор, а единственото нешто што го направи беше навредување на сопствениот народ, нарекувајќи го „талог“. Премиерот спроведува кампања на поделби и сеење омраза, по методите на ликови како Ванчо Михајлов и Александар Вучиќ“, обвинуваат од СДСМ.

„Се појавуваат за ленти, исчезнуваат во криза“

Од СДСМ заклучуваат дека приоритетите на актуелната власт се погрешно поставени. Според нив, функционерите на ВМРО-ДПМНЕ се први кога треба да се сечат ленти за промоција, но целосно исчезнуваат кога обичниот граѓанин е погоден од сериозна криза.

„Пет недели. Ниту една посета. Само годишен одмор и напади против сопствената јавност. Тоа е вистинското лице на оваа власт кон луѓето“, завршуваат од опозицијата.