ГЕОРГИЕВСКИ СО ОСТРА ИЛИНДЕНСКА ПОРАКА: Од идеолошка заслепеност не ја гледаме историјата, и двата Илиндена станаа форма без содржина!
Поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, упати несекојдневна и остро критичка порака по повод 2 Август – Денот на Републиката. Честитајќи го празникот, тој ги преиспита доминантните историски наративи во земјава, оценувајќи дека денешното чествување е сведено на обична флоскула.
Георгиевски во својата честитка се навраќа на Илинденското востание од 1903 година, потенцирајќи детали кои, според него, јавноста ги игнорира поради стеснетиот историски поглед.
Тој потсетува дека востанието не било ограничено само на Битолскиот округ под команда на Борис Сарафов, Даме Груев и Атанас Лозанчев, туку продолжило и во Одринскиот округ (на Преображение, под водство на Михаил Герџиков и Лазар Маџаров), како и во Серскиот округ на Крстовден. Притоа, тој изнесува и тврдење кое често предизвикува дебати кај историчарите – дека во серскиот крај Јане Сандански се ставил под команда на врховистот Иван Цончев.
„Востанието траеше над два месеци. Од нашата идеолошка заслепеност не можеме ни големината на востанието да ја согледаме“, истакнува Георгиевски.
„АСНОМ заврши со државен удар и власт на анонимниот Колишевски“
Лидерот на ВМРО-Народна партија упати уште пожестоки критики за развојот на настаните по Првото заседание на АСНОМ во 1944 година. Иако, како што вели, АСНОМ започнал со големи и благородни идеи, истите биле брзо задушени.
„Веднаш беше спроведен државен удар по кој најголем дел од членовите беа затворени, десетина од најважните личности избегаа за Бугарија, а остана да владее кликата на анонимниот Колишевски“, анализира поранешниот премиер.
Својата историско-политичка опсервација по повод најголемиот национален празник, Георгиевски ја заокружува со разочарувачки заклучок за денешницата: „И двата Илиндена денес се само форма без содржина“.