ЧЕСТИТКИ ЗА ИЛИНДЕН: Повик за единство, храбри одлуки и европска иднина

17

Државниот врв на Република Северна Македонија денеска упати честитки до граѓаните по повод 2 Август – Денот на Републиката. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, спикерот Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски во своите пораки го истакнаа историското значење на двата Илиндена – оној од 1903 и АСНОМ од 1944 година, нагласувајќи дека денешниот пркос се докажува преку одговорност и државнички одлуки.

Сиљановска-Давкова: Илинден е обврска за силните институции

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го нарече Илинден „најсветиот македонски ден“ кој ги обединува идеалите за слобода и државотворност. Таа потенцираше дека сегашните генерации имаат долг да бидат достојни наследници на востаниците и асномците преку градење на правна држава.

„Наш заеднички пат мора да биде изградбата на Македонија како демократска земја со силни институции, ефикасно судство и бескомпромисна борба против корупцијата. Тоа е единствениот начин да го испочитуваме заветот на нашите предци“, порача претседателката.

Гаши и Мицкоски: Континуитет на стремежот кон просперитет

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, истакна дека Илинденското востание и АСНОМ се симбол на историскиот континуитет на стремежот кон слобода и соживот. Според него, овие идеали денес се потврдуваат преку јакнење на меѓусебната доверба и продолжување на европскиот пат.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, нагласи дека секоја генерација има свој Илинден и своја специфична борба.
„Нашата задача е да ја направиме Македонија држава во која младите ќе веруваат и ќе ја градат својата иднина. Мораме да создадеме систем во кој законот е над привилегиите, а трудот и знаењето се единствените мерила за успех“, истакна премиерот.

Лекција од историјата: Храброст наместо калкулации

Во честитките беше упатен и силен апел за надминување на политичките калкулации кои го кочат напредокот на нацијата. Како што беше нагласено, генерациите од 1903, 1944 и 1991 година не одлагаа и не се криеја зад изговори, туку носеа храбри одлуки во клучните моменти.

Денешниот илинденски пркос бара разум и одлучност за носење државнички решенија кои ќе ја направат македонската нација рамноправна во европското семејство на народи. Пораката е јасна: само преку економски силна и богата држава може да се осигура опстанокот и среќата на македонскиот народ на сопствената земја.

Македонски