МАКЕДОНСКИ ФИЛМ НА „ЕВРОПСКИОТ САНДЕНС“: Светска премиера за „Нема да ви се верува што се случи претходно“ во Олденбург

5

Македонската кинематографија бележи значаен меѓународен успех. Дебитантскиот долгометражен филм на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, насловен „Нема да ви се верува што се случи претходно“, е избран во официјалната натпреварувачка програма на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Олденбург, Германија.

Филмот, кој пред меѓународната публика ќе се претстави како „You Won’t Believe What Happened Before“, ќе се бори за главните награди на овој фестивал, кој во филмските кругови е познат како „Европскиот Санденс“. Олденбург веќе три децении е една од најзначајните платформи за независна кинематографија, а светските медиуми како The Hollywood Reporter го рангираат меѓу водечките европски фестивали кои не смеат да се пропуштат.

Политички трилер за „чистотата“ на вистината

Станува збор за политички трилер со елементи на црна комедија, кој обработува болно актуелни теми: слободата на медиумите, корупцијата и моралните дилеми на поединецот во општество каде политиката и криминалот се нераскинливо врзани. Приказната следи двајца новинари кои, обидувајќи се да го зачуваат својот интегритет, се заплеткуваат во мрежа од политичка хипокризија и скандали.

„Едно од централните прашања е колку е можно човек да остане „чист“ во средина каде вистината постојано се прилагодува на интересите на моќниците“, истакнува режисерот Јаниќијевиќ.

Врвна актерска и сценаристичка екипа

Филмот е работен според идеја на Јаниќијевиќ, додека сценариото е дело на веќе докажаните Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски. Главните улоги ги толкуваат миленичињата на македонската публика, Никола Ристановски и Дарја Ризова, а актерскиот кастинг го надополнуваат Сашко КоцевСара Сандева и Оливер Митковски.

Продукција и фестивалски патувања

Директор на фотографија е Дејан Димески, додека извршен продуцент е Сашо Пешев. Филмот е реализиран во продукција на „Ново македонско видео“ и „Њу момент“, со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на РСМ.

Фестивалот во Олденбург ќе се одржи од 16 до 20 септември 2026 година. Изборот во официјалната конкуренција му отвора врати на филмот за престижната награда „German Independence Award“, но и за други признанија за режисерска храброст и оригиналност, што претставува одлична отскочна даска за неговото понатамошно меѓународно патување.

Македонски