ФИЛИПЧЕ ОД ГОСТИВАР: Институциите потфрлија, молчењето за резултатите од водата отвора сомнеж за уште поголема катастрофа

8

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска го посети Гостивар, од каде упати остри критики до Владата и здравствените власти за начинот на кој се менаџира актуелната епидемија. Тој порача дека институциите свесно доцнеле со реакцијата и побара итно објавување на сите лабораториски резултати од квалитетот на водата.

Филипче го отвори прашањето за институционалната одговорност, нагласувајќи дека раните предупредувачки сигнали биле игнорирани додека бројот на заболени вртоглаво растел.

„Зошто Центарот за јавно здравје не ја испитувал водата секој ден?“

Лидерот на опозицијата директно праша зошто не била воспоставена епидемиолошка контрола во моментот кога започнал напливот на пациенти во болниците.

„Зошто кога се случи напливот на пациенти, здравствените власти не истражија на што се должи тоа? Зошто ништо не се направи за да се анализираат симптомите и да се реагира порано? Исто така, клучното прашање е зошто Центарот за јавно здравје не го испитувал квалитетот на водата секојдневно? Граѓаните мора да знаат кој дозволил ваков пропуст“, истакна Филипче.

Ризик од нови епидемии и труење со храна

Филипче предупреди дека опасноста сè уште не е помината и дека доколку не се воспостави строга контрола врз техничката вода што ја користат граѓаните и рестораните, на Гостивар му се заканува нова катастрофа.

„Кој ја проверил техничката вода што сега ја користат рестораните и граѓаните? Ако се користи неисправна вода за подготовка на храна, се заканува опасност од масовни труења со храна и појава на нови епидемии. Министерството за здравство, министерот и премиерот не смеат да молчат. Мора веднаш да се објават сите параметри и резултати од контролата на водата“, порача тој.

Повик за транспарентност, а не за политизација

Иако неговата посета доаѓа во време на жестоки меѓупартиски пресметки, Филипче нагласи дека целта на СДСМ во Гостивар не е собирање политички поени, туку барање одговори за институционалните пропусти.

„Ова не е политика, ова е прашање на јавно здравје. Граѓаните заслужуваат вистина и одговорност за состојбата која ги парализираше нивните животи. Мора да се знае чија е одговорноста за она што се случи и како ќе се спречат идни вакви катастрофи“, заклучи Филипче.

Македонски