СОСТОЈБА ВО ГОСТИВАР: Уште 198 пациенти со симптоми на труење во Гостивар, еден итно префрлен во Скопје
Кризата во Гостивар не стивнува. Во изминатото деноноќие, Општата болница во градот евидентираше нови 198 пациенти со симптоми на гастроентеритис. Поради влошување на здравствената состојба, едно лице е итно транспортирано на понатамошно лекување на Инфективната клиника во Скопје.
Директорот на болницата, Емри Бајрами, соопшти дека медицинскиот персонал работи под зголемен притисок на повеќе одделенија:
- 111 пациенти биле прегледани на Инфективното одделение;
- 75 лица побарале помош на Одделението за педијатрија;
- 12 лица поминале низ Ургентниот центар.
Клиничката слика останува иста
Според д-р Бајрами, кај новопримените пациенти доминираат акутни стомачни проблеми, додека кај помал дел од нив е регистрирана треска и покачена телесна температура. Иако бројката од речиси 200 прегледи за 24 часа е висока, од Министерството за здравство вчера соопштија дека се забележува првично, благо опаѓање на бројот на новопрегледани лица во споредба со пикот на епидемијата.
Институциите сè уште чекаат на конечните лабораториски анализи кои треба да потврдат дали неисправната вода за пиење е единствениот причинител за масовното труење. Граѓаните и понатаму се повикуваат да не ја користат водата од градскиот водовод и да се придржуваат до препораките за хигиена.