ИНЦИДЕНТ ВО АТИНА: Нападнати туристи со нож во подножјето на Акропол

9

Двајца туристи биле избодени и ранети вчера наутро во непосредна близина на античкиот Акропол во Атина, најпосетуваната туристичка атракција во Грција. Полицијата веднаш интервенирала и го привела напаѓачот на самото место.

Инцидентот се случил на раздвижена пешачка улица во близина на влезот на Музејот на Акропол. Жртвите се маж и жена, грчки Американци, кои биле нападнати со нож додека се движеле низ туристичката зона.

Напаѓачот најверојатно имал психички проблеми

Според полициското соопштение, жената поминала со полесни повреди на ногата, додека мажот е потешко повреден со расекотини на раката. Двете жртви веднаш со возило на Брза помош биле префрлени во болница на понатамошно лекување.

Иако идентитетот на напаѓачот сè уште не е официјално соопштен, првичните индиции на полицијата укажуваат на тоа дека станува збор за лице со видливи психолошки нарушувања. Очевидци за грчките медиуми изјавиле дека напаѓачот претходно им се заканувал на случајните минувачи, по што случаен граѓанин повикал полиција.

Акропол останува отворен за посетителите

И покрај крвавиот инцидент, раководството на археолошкиот локалитет и музејот соопштија дека објектите нема да се затвораат и дека продолжуваат со вообичаена работа.

Насилните улични напади во Грција се сметаат за ретки настани, особено во строго обезбедуваните туристички зони. Овој инцидент предизвика загриженост кај меѓународната јавност, со оглед на тоа што Акропол е дом на античкиот храм Партенон и минатата година привлекол над 4,6 милиони посетители од целиот свет.

Властите најавија зголемено полициско присуство околу спомениците со цел да се гарантира безбедноста на туристите во текот на летната сезона.

Македонски