РЕВИЗИЈА: Нафтените резерви се топат, Министерството за одбрана со години не враќа 600 тони мазут
Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди сериозни пропусти во работењето на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви, кои резултирале со значително намалување на државните залихи на горива. Според последниот извештај, покриеноста на државата со резерви на нафта паднала од 52 на само 42 дена, што е спротивно на стратешките цели за енергетска безбедност.
Еден од најскандалозните наоди во извештајот е долгот на Министерството за одбрана. Ревизорите открија дека дури 600 тони мазут, кои Агенцијата ги отстапила на Министерството уште во 2017 година за потребите на Армијата, сè уште не се вратени во државните складишта.
Долг од 16,7 милиони денари и „топење“ на резервите за потребите на ЕСМ
Иако крајниот рок за враќање на мазутот бил 31 декември 2017 година, тоа не е направено ниту по осум години, со што е искажано побарување од Министерството во износ од 16,7 милиони денари. ДЗР предупредува дека ова создава сериозни ризици за одржување на минималното ниво на резерви.
Дополнителен удар врз залихите се владините одлуки за пренасочување на мазутот кон АД ЕСМ. Само во текот на 2024 и 2025 година, на ЕСМ му биле отстапени над 16.000 тони мазут без надомест. Токму овие одлуки, иако законски, ја намалиле покриеноста на државата со нафтени деривати за цели 10 дена.
Институционална нефункционалност и правни вакууми
Ревизијата констатира дека Владата за 2022 и 2023 година не донела задолжителни одлуки за количината и структурата на резервите, иако Агенцијата навремено доставувала предлози. Слична е состојбата и за 2025 година, што се припишува на нефункционалноста на новоформираното Министерство за енергетика.
„Недонесувањето на пропишаниот акт создава ризик од формирање залихи кои не се во согласност со потребите и приоритетите на државата“, алармираат од ДЗР.
Хаос со платите и вечни вршители на должност
Неправилности се откриени и во внатрешното работење на Агенцијата:
- Преплатени плати: Поради неусогласеност на Колективниот договор со законите, неосновано се исплатени над еден милион денари за плати и придонеси.
- Погрешни пресметки: Боледувањата не се пресметувале според законскиот просек, а евиденцијата за прекувремена работа била нецелосна.
- В.Д. Директори: Ревизорите укажуваат на долгогодишната практика на именување вршители на должност директори, што не е предвидено со Законот за задолжителни нафтени резерви и создава ризик институцијата да ја водат лица без соодветни квалификации.
ДЗР препорачува итно усогласување на исплатите со законската регулатива и преземање на сите правни мерки за враќање на позајмените количини гориво со цел стабилизирање на стратешките државни резерви.