ТЕТОВО ДОБИВА НОВ КУЛТУРЕН СИМБОЛ: Денеска се поставува камен-темелникот на Саат-кулата

5

Тетово денеска официјално го започнува проектот за изградба на Саат-кулата, нов објект кој треба да стане препознатлив белег на градот и значајно да го збогати културно-историското наследство. На свеченото означување на почетокот на градежните работи ќе присуствуваат високи претставници на извршната и локалната власт.

Општина Тетово најави дека денешната свеченост ќе биде одбележана со присуство на министерот за култура, Седат Сулејмани, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, како и директорот на Националниот конзерваторски центар, Александар Јорданоски.

Проектот за Саат-кулата се смета за еден од најзначајните зафати за афирмација на автентичниот дух на Тетово. Изградбата е планирана со цел да се врати сјајот на овој традиционален архитектонски елемент, кој има длабоки корени во историјата на многу градови од овој регион.

Според агендата, по официјалното поставување на камен-темелникот, претставниците на институциите ќе дадат изјави за медиумите во кои ќе ги прецизираат роковите за градба, предвидените средства и значењето на објектот за локалниот туризам.

Зачувувањето на културното наследство останува еден од врвните приоритети на локалната самоуправа, а новата Саат-кула се очекува да претставува мост меѓу традицијата и современиот развој на градот под Шара.

Македонски