СОЈУЗОТ НА БОРЦИТЕ ОД НОАВМ: Остро осудуваме обид за насилна албанизација на улиците во Тетово и потиснување на македонската историја

4

Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи од Тетово изразија силен револт кон првичната листа од 74 предлози за нови имиња на улици во градот. Тие ја обвинуваат работната група на Општина Тетово за целосна нетранспарентност и тенденција за насилна албанизација, бришење на антифашистичкото минато и создавање етнички гета.

Откако општинскиот советник Алби Ќамили објави дека е потврден првиот дел од листата на имиња за тетовските улици, Сојузот на борците реагираше поради молкот од страна на Општината и градоначалникот Биљал Касами.

Според сојузот, работната група функционирала под отворен бојкот од јавноста и под политички притисок на градоначалникот, кој, како што велат, сака да се ослободи од „имињата од темното минато“ – алудирајќи на македонските партизански херои и борците од антифашистичката коалиција.

„Енциклопедиски имиња без врска со Тетово“

Во соопштението детално се анализира предложената листа, со заклучок дека таа не го рефлектира мултиетничкиот дух на градот.

„Имињата како Лек Дукаѓин, Фан Ноли, Ферид Мурад, Марин Барлети, Беким Фехмиу и многу други се соодветни за албанска енциклопедија, но не и за тетовски улици. Тие луѓе немаат никаква допирна точка со Тетово или со Македонија“, се вели во реакцијата.

Сојузот на борците се особено револтирани од вклучувањето на контроверзни историски фигури. Тие посочуваат на Гани Јахја, професор испратен во Тетово од фашистичкото Кралство Албанија за време на окупацијата, браќата Фрашери како идеолози на „Голема Албанија“, како и Абдурахман Паша, кој во османлиско време го подложил народот на репресалии и исламизација.

Против „гетоизација“ на градот

Остра осуда е упатена и кон изјавата на советникот Ќамили дека „за улиците каде што живеат Македонци ќе бидат предложени македонски дејци“.

„Кој е тој советник или работна група да одредуваат гета во нашиот град? Тетово е дел од унитарна Македонија. Правилото е улиците да носат македонски имиња, а не тоа да биде исклучок за кој некој треба да се заблагодарува. Забележуваме свесна тенденција да се потисне колективната меморија на Македонците во Тетово“, обвинуваат од Сојузот.

Борците од НОАВМ сметаат дека листата на македонски имиња е површна и недоволна, игнорирајќи бројни заслужни тетовски граѓани и национални дејци од различни историски периоди.

Апел до советниците и до Бранислав Светозаревиќ

Во заклучокот, Сојузот на борци јавно бара од советниците во Општина Тетово активно да се вклучат во разоткривање на овие штетни обиди и да го заштитат македонското културно-историско наследство.

Воедно, тие упатија и директна јавна молба до актуелниот советник и еминентен историчар, Бранислав Светозаревиќ, лично да се инволвира во процесот и да спречи историски ревизионизам и политички инженеринг на штета на градот.

Македонски