СДСМ: Мицкоски се обидува да ја фрагментира опозицијата преку вештачки фракции и „сателитски“ платформи

5

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) преку официјално соопштение упати остри обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека власта директно стои зад неодамна промовираните платформи во опозицискиот блок со цел слабеење на СДСМ.

Според СДСМ, по неуспешните обиди за дефокусирање на јавноста со лажни афери, власта сега применува нов метод – создавање на внатрешни фракции. Од партијата директно ја посочија иницијативата на Андреј Петров и Игор Ивановски како проект кој работи за интересите на премиерот.

„Ова не е реформска иницијатива, туку платформа за спас на Мицкоски. Нејзината единствена цел е да ја фрагментира и ослабе единствената вистинска опозициска алтернатива. Сателитите се веќе разоткриени, а обидот за создавање на ново издание на партијата ЗНАМ нема да помине“, се вели во соопштението.

Обвинувања за паника и изборен инженеринг

Од Бихаќка тврдат дека Мицкоски се наоѓа во паника поради губење на поддршката, историски нискиот рејтинг и празниот буџет. Според опозицијата, токму поради тоа власта инсистира на измени во Изборниот законик.

„Кога веќе не може да ја контролира ситуацијата со лаги, Мицкоски се обидува да ја контролира преку изборен инженеринг и кражба на гласови од дијаспората. Откако на сила ја укина техничката влада, сега сака на сила да го промени изборниот модел“, обвинуваат од СДСМ.

Повик за мобилизација

Од партијата порачаа дека граѓаните собрани околу „Фронтот за вистина и правда“ нема да дозволат повторување на сценаријата за разнебитување на опозицијата. Тие повикаа на масовна мобилизација со цел, како што велат, власта повторно да се врати во рацете на народот.

Македонски