КОЈ ЌЕ ГО КОНТРОЛИРА „ДОБРОТО ВЛАДЕЕЊЕ“? СДСМ со обвинувања за Димитар Димовски, Мицкоски тврди дека се работи за политичка хајка

9

По укинувањето на вицепремиерското место за добро владеење, оваа надлежност преминува директно во Кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски. Најавите дека оваа функција ќе ја преземе Димитар Димовски, актуелен секретар во Владата, предизвикаа остри реакции кај опозицијата поради неговото минато поврзано со истрагите на поранешното СЈО.

Иако премиерот Мицкоски сè уште официјално не го потврдил името на новиот секретар за добро владеење, информациите кои протекоа во медиумите веќе ја разбрануваа јавноста. Димитар Димовски, кој важи за човек од доверба на премиерот, во минатото беше дел од случајот „Топлик“ на СЈО, каде беше осуден на условна казна за злоупотреба на службената положба при продажба на државно земјиште за проектот „Сончев град“.

СДСМ: Ова е можно само кај криминална група на власт

Опозицискиот СДСМ денеска излезе со жестоки критики, прашувајќи како е можно лице со условна пресуда да биде задолжено за етика и борба против корупцијата.

„Како може бизнис партнер на Мицкоски, осуден за злоупотреби, да биде задолжен за добро владеење и судир на интереси? Прво беше поставен за секретар за јавни политики, а сега се унапредува. Ова не е можно во ниту една нормална европска земја“, изјави Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ.

Од партијата дополнително обвинија за непотизам, посочувајќи го именувањето на сопругата на Димовски, Ефимија, во Развојната банка, како конфликт на интереси поради нејзината поврзаност со енергетскиот бизнис.

Мицкоски: СЈО беше политичка алатка на претходната власт

Премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Бутел, не го потврди именувањето, но застана во цврста одбрана на Димовски. Според него, судските процеси против неговиот соработник биле монтирани.

„Димитар Димовски, како и стотици други луѓе, беше жртва на политичка хајка организирана од криминалната влада на СДСМ и ДУИ, кои го користеа СЈО како политичка алатка. Тоа сум го коментирал многупати и мојот став е јасен“, изјави Мицкоски.

Тој појасни дека Владата ќе има посебен секретар кој ќе врши мониторинг на програмата, а сосем друго лице ќе биде задолжено за делот на доброто владеење.

Во моментов, Димовски веќе е дел од потесниот круг соработници на премиерот како секретар за јавни политики и координација, а неговото евентуално официјализирање на новата позиција се очекува да биде тест за транспарентноста и интегритетот на реконструираниот владин кабинет.

Македонски