ФИЛМСКО ПРИВЕДУВАЊЕ НА АЛБАНСКАТА ГРАНИЦА: Французин се обидел да прошверцува Тајланѓанка скриена во куфер
Албанската гранична полиција на преминот Муриќан, на границата со Црна Гора, спречи необичен обид за трговија со луѓе. При рутинска контрола на возило со француски ознаки, полицајците пронашле млада жена од Тајланд скриена во патнички куфер на задното седиште.
Осомничениот за овој инцидент е 26-годишниот француски државјанин Том Хаак, кој веднаш бил лишен од слобода. Полициските службеници на граничниот премин Муриќан останале вчудоневидени кога по отворањето на багажот пронајден во внатрешноста на возилото, откриле жива личност.
„Службите на граничната полиција пронајдоа куфер на задното седиште во кој била скриена тајландска државјанка. Се работи за обид за нелегално изнесување на лице од територијата на Република Албанија, со цел да се заобиколат граничните контроли“, се наведува во официјалното соопштение на албанските власти.
Патот до Франција преку Црна Гора и Хрватска
Првичната истрага открива дека крајната дестинација на возилото била Франција. Планот на 26-годишниот Французин бил жената нелегално да ги помине границите на Црна Гора и Хрватска, по што би продолжиле кон Европската Унија.
Според досегашните сознанија на истражните органи, Тајланѓанката требало да пристигне во Франција без никакви законски процедури и соодветна документација.
Албанската полиција потврди дека и францускиот државјанин и тајландската државјанка во моментов се наоѓаат во притвор во Скадар. Против Французинот ќе биде поднесена кривична пријава за помагање при нелегално преминување на граница, дело за кое според албанските закони се предвидени строги санкции.