ТОШКОВСКИ: „Сејф сити“ ги лови и странските возила – ниту еден прекршител нема да го избегне законот

9

Системот „Безбеден град“ (Safe City) е целосно функционален и ги евидентира сите сообраќајни прекршоци на клучните патни правци низ Македонија. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, упати јасен апел дека санкциите ќе важат подеднакво за сите, вклучително и за возачите со странски регистарски ознаки кои транзитираат низ земјата.

За време на денешната посета на граничниот премин Табановце, министерот Тошковски потенцираше дека напредната технологија на системот за видео-надзор не дозволува исклучоци. Камерите поставени долж Коридорите 8 и 10 се во функција од јануари годинава и вршат прецизна евиденција на секое пречекорување на брзината или друг вид сообраќаен прекршок.

„Никој не може да му избега на системот „Сејф сити“ доколку се движи по патиштата во Македонија каде што е поставена опремата. Регистрирана е секоја повреда на правилата, без разлика дали станува збор за мотоцикл или автомобил со домашни или странски регистарски таблички“, изјави Тошковски.

Министерот упати директно предупредување до странските државјани и македонските печалбари кои за време на летната сезона масовно минуваат низ државата.

„Апелирам до сите што управуваат возила со странски таблички да бидат свесни дека прекршоците се евидентираат. Соодветните казни ќе им бидат доставени на сите кои го прекршиле законот, без оглед од која држава доаѓаат“, дециден е првиот човек на МВР.

Регионална соработка за поголема безбедност

Поводот за престојот на Тошковски на Табановце беше официјалниот старт на првата заедничка превентивна акција меѓу Македонија и Србија под мотото „Возете одморени“.

На настанот присуствуваше и српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, како и претставници на агенциите за безбедност на сообраќајот од двете земји. Целта на кампањата е да се подигне свеста кај возачите за опасностите од замор при патувањето, особено за време на летните месеци кога фреквенцијата на патиштата е највисока.

Македонски