Д-р Лилјана Ристевска е нова претседателка на Црвениот крст на Македонија

12

Црвениот крст на Македонија денеска ја одржа Конститутивно-изборната седница на своето Собрание, на која официјално беше избрано новото раководство за претстојниот четиригодишен период. Со одлука на делегатите, за нова претседателка на националното друштво е избрана д-р Лилјана Ристевска.

На седницата, покрај изборот на претседател, Собранието ги именуваше и потпретседателите на организацијата – Билјана Костова и Фатби Османи. Со овој чин и официјално започна мандатот на највисокиот орган на управување на најголемата хуманитарна организација во државата.

Новата претседателка, д-р Лилјана Ристевска, доаѓа на оваа позиција со богато искуство во рамките на хуманитарното движење. Таа е дел од Црвениот крст речиси две децении, поминувајќи ги сите скалила во организацијата – од волонтер на терен, до претседателка на Општинската организација на Црвениот крст во Битола и потпретседателка на националното друштво.

На изборната седница присуствуваа новоизбраните делегати од целата земја, претставници на сите општински организации, како и бројни долгогодишни соработници и поддржувачи на Црвениот крст.

Пред новото раководство стојат предизвиците за зајакнување на капацитетите на организацијата за справување со хуманитарните потреби на граѓаните, поддршка на ранливите категории и промоција на волонтерството како темелна вредност на друштвото.

Македонски