АМБАСАДОРОТ РАДУКОВ СО АПЕЛ: Не ги блокирајте границите, тоа само ја потхранува омразата, блокадата откажана

17

Бугарската амбасада во Скопје упати официјален повик за воздржаност и спречување на секакви обиди за блокирање на граничните премини и патните правци меѓу Бугарија и Северна Македонија. Во објавата потпишана лично од амбасадорот Железко Радуков, се нагласува дека отворените граници се најдобриот одговор на провокациите и нетрпеливоста.

Оваа реакција доаѓа во исклучително тензичен период, непосредно по инцидентот во кој беа опожарени две службени возила на бугарската дипломатска мисија во Скопје.

Мирен протест – да, блокади – не

Дипломатската мисија истакнува дека го почитува правото на мирен граѓански протест како темел на демократијата, но децидно апелира да не се прибегнува кон радикални чекори кои би ја попречиле слободата на движење.

„Националниот интерес на Бугарија е да остане отворена за своите југозападни соседи. Културната размена, економската соработка и контактите меѓу поделените семејства се единствениот пат за надминување на омразата. Само преку одржување на врските можеме да ја нагласиме блискоста меѓу народите и нашата заедничка иднина во Обединета Европа“, стои во соопштението на амбасадата.

Порака до македонската јавност и медиумите

Амбасадата испрати критика и до дел од медиумите и јавните личности во Македонија, оценувајќи ги како „неосновани и непродуктивни“ етикетите „антимакедонски“ кои им се лепат на бугарските организации. Според амбасадорот Радуков, плурализмот во мислењата не е насочен против никого, туку е алатка за подобар јавен дијалог и меѓусебно разбирање.

„Секое изразување на незадоволство или загриженост мора да има конструктивен и европски карактер“, порачуваат од бугарската амбасада.

Ставот на амбасадорот Радуков е во целосна координација со позицијата на бугарското Министерство за надворешни работи. Шефицата на дипломатијата на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова, претходно предупреди дека иницијативите за блокирање на границата се контрапродуктивни и директно ѝ штетат на меѓународната позиција на Софија во односите со Скопје.

Блокадата откажана

Најавената двочасовна мирна блокада на трите гранични премини меѓу Македонија и Бугарија, која требаше да се одржи на 21 јуни, е официјално откажана. Веста ја потврдија од Асоцијацијата на превозници „Макам-транс“, повикувајќи се на информации од организаторите и надлежните служби.

Според официјалното соопштение, одлуката за повлекување на најавата за блокада е донесена по серијата консултации и извршени разговори со бугарските институции и дипломатските претставници на двете земји.

Македонски