АЛАРМ ВО ЧЕШИНОВО-ОБЛЕШЕВО: Мостот кај Теранци пред уривање, тешки камиони и натаму поминуваат преку него

7

Состојбата на мостот на реката Брегалница, кој се наоѓа на локалниот пат кон селото Теранци, е критична и претставува сериозна закана за безбедноста на граѓаните. Стручниот извештај од Градежниот факултет од Скопје потврди дека објектот има тешки конструктивни оштетувања, додека локалното население стравува од трагедија поради непочитувањето на сообраќајните забрани.

На последната седница на Советот на Општината, градоначалникот Јорданчо Костадинов ги презентираше загрижувачките наоди од експертскиот увид.

„Констатирано е сериозно слегнување на средните столбови, што директно ја загрозува стабилноста на целиот мост. Ова е последица на фундирањето во нерегулирано речно корито. Стручната препорака е итна забрана за тешки возила и неодложна санација“, истакна Костадинов.

„Шверцување“ на тешка механизација преку оштетениот објект

На алармантната состојба укажа и советникот од ВМРО-Народна партија, Бранко Стоименов, кој нагласи дека возачите на камиони свесно го игнорираат ризикот. Тој посочи дека сообраќајните знаци се отстранети, а преку мостот, чија носивост е ограничена на 5 тони, поминуваат влекачи со тешка механизација.

„Лично бев сведок како тежок булдожер на водостопанското претпријатие помина преку мостот. Жителите се загрижени, а ние немаме информација дали е безбедно да се минува дури и со лесни возила. Не може граѓаните постојано да дежураат за да спречуваат катастрофа, институциите мора да реагираат веднаш“, рече Стоименов.

Општината бара трајно решение

Локалната самоуправа веќе упати барање до МВР за поставување соодветна сообраќајна сигнализација која ќе биде под постојан надзор. Во меѓувреме, се подготвува ангажирање на проектантска куќа која треба да пресече: дали постоечкиот мост воопшто може да се санира и прошири или, пак, ќе биде неопходно негово целосно уривање и изградба на нов објект.

До донесувањето на конечното решение, апелот до сите учесници во сообраќајот е строго да ги почитуваат ограничувањата за да се избегнат несакани последици по човечки животи.

Македонски