Македонија за првпат избрана за членка на Економскиот и социјален совет на ОН
Република Македонија оствари значаен дипломатски успех на меѓународната сцена, откако за првпат од своето осамостојување е избрана за членка на Економскиот и социјален совет на Обединетите нации (ECOSOC). На гласањето што се одржа во Генералното собрание на ОН во Њујорк, кандидатурата на земјава доби огромна поддршка од дури 174 држави-членки.
Македонија ќе служи во овој престижен орган во мандатниот период од 2027 до 2029 година. Изборот со вака висок број гласови се смета за силен сигнал за зајакнатиот меѓународен углед на државата.
Премиерот Христијан Мицкоски го поздрави изборот, оценувајќи го како директно признание за новата динамика во македонската надворешна политика.
„Ова е доказ за вложените напори и за довербата што Македонија ја гради со своите меѓународни партнери. Нашето членство во Економскиот и социјален совет е потврда дека земјата се препознава како конструктивен фактор на глобално ниво“, истакна премиерот Мицкоски.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија нагласуваат дека ова членство отвора нови можности за државата. Македонија сега ќе има директен глас и активно ќе учествува во креирањето на глобалните политики за одржлив развој, економски раст, социјална правда и заштита на човековите права.
Економскиот и социјален совет (ECOSOC) е еден од шесте главни органи на Обединетите нации и е одговорен за координација на економската и социјалната работа на 14 специјализирани агенции на ОН.