ВМРО-ДПМНЕ: Филипче дејствува како портпарол на бугарските интереси наместо да ги брани македонските позиции

8

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение упати остри критики до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека работи директно против македонските национални интереси. Според партијата, Филипче во своите јавни настапи упорно ја застапува агендата на официјална Софија, наместо да ги штити државните позиции во спорот со Бугарија.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека во моменти кога Македонија е под постојан притисок и негирање на својот идентитет, јазик и историја, претседателот на опозицијата се однесува како „портпарол на туѓи политики“ кои бараат нови отстапки без никакви гаранции за европската иднина.

„СДС и Венко Филипче не нудат визија, план ниту решенија. Нивната единствена политика е слепо прифаќање на сите барања кои доаѓаат однадвор, без минимум достоинство и грижа за државните интереси. Филипче ја пласира истата реторика како и бугарските власти – дека Македонија мора безусловно да попушта, додека Бугарија не прави ниту еден чекор кон почитување на македонскиот народ“, се наведува во партиската реакција.

Од владејачката партија дополнуваат дека наместо за подобра преговарачка позиција на државата, лидерот на СДСМ се борел за „спас на сопствената политичка кариера“, користејќи флоскули кои вршат дополнителен притисок врз граѓаните.

„Време е Филипче да разбере дека Македонија нема да оди напред преку понижувања, уцени и национални отстапки. Граѓаните заслужуваат политичари кои ќе ја претставуваат сопствената држава, а не такви кои ги оправдуваат позициите на други земји“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот, од партијата ја потврдија својата посветеност кон евроинтегративниот процес, но потенцираа дека тој мора да биде кредибилен, предвидлив и базиран на принципи кои нема да го загрозат националното достоинство.

Македонски