АКЦИЈА НА ФИНАНСИСКАТА ПОЛИЦИЈА: Приведен Стефан Богоев и уште три лица за тендерски малверзации

31

Управата за финансиска полиција, во тесна координација со Основното јавно обвинителство, денеска спроведе опсежна акција во која се приведени четири лица. Осомничените се товарат за сериозни злоупотреби и финансиски малверзации поврзани со конкретна тендерска постапка во Царинската управа.

Поранешниот директор на Царина меѓу приведените

Според првичните потврдени информации, клучна фигура во истрагата е поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев. Богоев е познат во јавноста и како поранешен потпретседател на СДСМ и екс-градоначалник на Општина Карпош.

Покрај него, во рамки на акцијата е обезбеден и Александар Спирковски, во јавноста познат под прекарот „Џемо“, со живеалиште во Прилеп. Идентитетот на останатите две приведени лица се очекува да биде соопштен подоцна.

Сомнежи за незаконити јавни набавки

Истражните органи ги сомничат приведените за координирани активности со цел манипулација на постапки за јавни набавки додека Богоев раководеше со царинската институција. Станува збор за сомнежи за проневера на буџетски средства и обезбедување противправна корист за трети лица преку местење тендери.

Од Управата за финансиска полиција најавија дека во моментов се вршат претреси на неколку локации и се прибира дополнителен доказен материјал.

Институциите најавија дека во текот на денот ќе излезат со официјално соопштение со детали за висината на направената штета и конкретните кривични дела за кои ќе бидат процесуирани осомничените. Сите четири лица во моментов се на распит пред надлежен јавен обвинител.

Македонски